Ракометарите на Охрид, во голем стил со убедлива победа против Радовиш 29-22 (15-9) ги завршија натпреварите на гостински терен за оваа година во Супер лигата. До крајот на првата етапа останува мечот со Вардар Јуниор, кој ќе се одигра следниот викенд во Охрид.

„Гладијаторите“, до нова победа и три бодови стигнаа на доминантен начин не оставајќи му ниту мал простор за надеж за позитивен резултат на домашните ракометари.

Натпреварот започна со жестока игра на двете страни, а охридските ракометари до прво осетливо водство дојдоа на истекот од 10-та минута кога на семафорот стоеше 5-3. Разликата остана иста но резултатот се промени на 7-5 во 13-та минута.

Од 15-та до 20-та минута, Охрид со серија од 4-1 се одлепи на 11-6 за најголема предност од пет погодоци. Избраниците на Раде Стојановиќ во последните десет минути водеа и со седум голови (15-8), а на полувреме заминаа со шест голови 15-9.

На стартот од второ полувреме Радовиш погоди два пати во серија и намали на 15-11. Но Охрид врати со пет погодоци во мрежата од домаќините за водство 20-11. Потоа беше се рутина и прашање само како ќе биде крајниот исход.

„Гладијаторите“ на крајот од мечот забележаа победа 29-22 и осигураа една од првите две позиции на табелата после завршување на првата етапа од регуларниот дел во Супер лигата. Следниот викенд Охрид ќе ги одмери силите со Вардар Јуниор.

Најпрецизен во составот на Охрид беше Филип Кривокапиќ со девет голов, а нов ефикасен меч имаше Бобан Блажески кој постигна осум погодоци. Филип Николов и Пеце Ѓорѓиески со четири погодоци беа најпрецизени во тимот на Радовиш.

OhridNews