Бодовите од дербито на колото во групата А од Супер лигата останаа во СРЦ „Билјанини Извори“, откако охридските ракометари со 24-19 (11-11) го совладаa скопски Пролет. Со триумфот во дерби средбата, Охрид комплетираше двојна победа над Пролет и го задржа максималниот ефект во македонската ракометна елита

Првиот дел беше неизвесен и со шест изедначувања на резултатот. Охрид стигнуваше до водство од два погодоци во четири наврати (4-2, 5-3, 8-6, 9-7), додека гостински ракометари поведоа само еднаш 5-6. Играта кај Охрид ја диктираа голманот Даниловски и бековите Кривокапиќ и Тот, а кај гостите крилото Палевски и голманот Ангелов.

Екипата на Пролет за кратко во вториот дел ја презеде резултатска контрола, поведувајќи со 12-11 и 13-12. Охрид со серија од 3-0 го врати водството 15-13 и започна да ја „плете“ победата. Одбраната драстично се поправи, а, нападот ги намали техничките грешки. „Гладијаторите“ поведоа и со плус три (17-14), но Пролет не се предаваше. Водството на Охрид, достигна и четири погодоци (19-15), но Пролет се врати во игра со два брзи голови (19-17). Охриѓани во завршните моменти уфрлија брзина погоре, Даниловски повторно фати ритам и со две интервенции во серија ги отпиша гостите. На крајот, Охрид забележа победа 24-19 и ја забележа деветтата победа.

Даниловски собра 14 успешни одбрани, додека голгетерски расположени беа Тот со осум голови односно Кривокапиќ со пет голови. Чагаљ се разигра во вториот дел и постигна четири погодоци. Кај гостите расположен за игра беше Давор Палевски кој реализираше 6 погодоци.

Во следната рунда Охрид на гостински терен ќе се сретне со Струга, во популарното „Езерско“ дерби.

Мх.П.
Фото: Мега Продукција