Ракометниот клуб Охрид, со триумф над Јуниор Кисела Вода 30-21 (15-8) ги заокружи мечевите на домашен терен од регуларниот дел во Супер лигата. За „гладијаторите“ ова беше шеста победа во СРЦ „Билјанини Извори“, а 11-та вкупно сезонава во македонската ракометна елита.

Охрид и во комбиниран состав беше пресилен за Јуниор КВ. Уште на почетокот од натпреварот кога Охрид отвори со 3-0 се знаеше во чија корист ќе заврши мечот. Охриѓани постепено ја зголемуваа предноста и на одмор заминаа со 15-8.

Во вториот дел, „гладијаторите“ стигнаа до двоцифрено водство на семафорот. Сепак, гостите со добар финиш ја спуштија негатива и претрпеа пристоен пораз од девет голови разлика.

Наум Костов со седум и Никола Ристески со шест голови го предводеа нападот на Охрид. Голманите Никола Даниловски, Јагош Брауновиќ и Дамјан Тутенкоски искомбинираа 12 одбрани. Кај гостите најефикасен беше Жарко Бајрактаревиќ со шест голови.

Во последната рунда од Супер лигата, Охрид гостува кај тимот на Астраион. Мечот се игра в среда.

 

Мх.П.