Победничката серија на охриѓани во Супер лигата продолжи и после „Езерското“ дерби, кое „гладијаторите“ го добија со 20-18 (11-9). За избраниците на Раде Стојановиќ ова беше 10-та победа во исто толку одиграни мечеви сезонава.

Охридските ракометари повеќе од одлично го отворија натпреварот во одбрана. На спротивната страна, нападот беше ефикасен за водство од 5-1. Сепак, стружани се екипираа и до 20-та минута со две мини серии стигнаа до егал 6-6.

„Гладијаторите“ ја стабилизираа играта и повторно го презедоа кормилото во натпреварот. Нападот се поправи, а одбрана ја повтори играта од почетокот на мечот и Охрид на одмор замина со два голови позитива, 11-9.

Охриѓани комплетно потфрлија во нападот на стартот од второто полувреме, а стружани на истекот од 40-та минута дојдоа до егал 12-12. Во 42-та минута Охрид остана без пивотменот Иван Тасески, кој доби директен црвен картон. Минута подоцна стружани дојдоа до првото водство, поведувајќи со 14-13.

„Гладијаторите“, на првата негатива одговорија со 3-0 серија и експресно го вратија водството (16-14). Стружани, сепак, не се предадоа и со два голив дојдоа до ново изедначување на резултатот. Во завршните седум минути кога се кршеше резултатот охридските ракометари на дело го покажаа квалитетот и со серија од 3-1 се одлепија на 20-17.

Во составот на Охрид голгетерски се истакнаа Денис Тот кој постигна 8 погодоци, капитенот Крсте Андоновски кој реализираше пет голови и Мартин Ивановски со три погодоци. Добар меч имаа голманите Даниловски и Брауновиќ. Кај стружани пет голови постигна Игор Илиевски.

Во недела, Охрид на домашен терен го пречекува Јуниор КВ во претпоследната рунда од Супер лигата.

Мх.П.