Ракометарите на Охрид забележаа нова победа во Супер лигата, откако на домашен терен со 34-19 (17-7) славеа во дуелот со дебитантот Астраион. За „гладијаторите“ ова беше петта победа во исто толку одиграни мечеви и добра најава за дерби средбата со Пролет во текот на следнава недела.
Избраниците на Раде Стојановиќ фуриозно го отворија натпреварот и после пет минути игра поведоа со 4-0. Следуваше нова серија за водство од 9-2. Охриѓани, не застанаа, туку со 5-2 серија дојдоа до највисоки 14-5. До крајот на првиот дел, Охрид обезбеди двоцифрена предност од 17-7.
Во поголем дел од вториот дел разликата на семафорот варираше до 9 до 12 голови. Дури во финишот охридските ракометари го зголемија темпото и стигнаа до убедлива победа од 34-19.
По пет голови во охридскиот состав постигнаа Филип Кривокапиќ, Филип Николов и Иван Тасески, Денис Тот застана на четири, а по три пати прецизни беа Бобан Блажески, Борче Соколов и Никола Ристески. Голманското дуо Даниловски – Тутенкоски искомбинира 14 одбрани. Кај гостите најефикасен беше Славе Јанковски со пет голови.
OhridNews