Охридскиот ракометен клуб со пораз ги отвори мечевите во плејофот од Супер лигата, откако „гладијаторите“ го положија оружјето на гостувањето кај Бутел Скопје, губејќи со 26-22 (11-7).

Ракометарите на Бутел Скопје заслужено ги освоија бодовите во пресметката со Охрид, затоа што беа подобар противник во текот на целиот натпревар. „Гладијаторите“ не одиграа на посакуваното ниво, особено во нападот, кој комплетно потфрли во првиот дел, постигнувајќи само седум голови. Бутел Скопје максимално ја искористи добрата игра во одбраната и на одмор замина со плус четири (11-7).

Охрид го отвори мечот со 2-0, но Бутел Скопје брзо се консолидираше и со серија 3-0, го презеде водството (3-2). Охрид не се предаваше и израмнуваше на 3-3 и 4-4. Бутел Скопје со нова серија од 3-0 се одлепи на 7-4. „Гладијаторите“ возвратија со иста мера, за егал 7-7. Домаќините ја доведоа до перфекција играта во одбрана, не дозволувајќи му на Охрид да постигне гол до крајот на првиот дел. На спротивната страна, ракометарите во црни дресови четири погодуваа за 11-7.

После нецели десет минути игра во второто полувреме Бутел Скопје стигна до највисокото водство од шест голови (15-9). Најголемата негатива ги разбуди охриѓани, кои постепено ја намалуваа негативата, стигнувајќи до минус два (19-17). Бутел Скопје погоди неколку клучни напади кога се кршеше резултатот, Охрид немаше соодветен одговор и поразот беше неизбежен.

За Охрид ова беше прв пораз сезонава, после 12-те победи во исто толку мечеви во регуларниот дел од Супер лигата. Во плејофот следува пауза поради обврските на македонската ракометна репрезентација.

OhridNews