Кошаркарите на АВ Охрид, денеска, со почеток во 18 часот во СРЦ „Билјанини Извори“ во 11-та рунда од Првата лига силите ќе ги одмерат со Пелистер. Дуелот со битолчаните е последен за охридските кошаркари  во 2018 година.

„Галебите“ во пресрет на натпреварот со „зелено белите“ нанижаа три победи совладувајќи ги Шкупи, Вардар и Гостивар, а со триумф над денешниот ривал посакуваат успешно завршување на есенската полусезона во македонската кошаркарска елита.

Мотив повеќе за победа и освојување на целиот плен, охриѓани ќе имаат поради учеството во Купот на Македонија. Избраниците на Петар Чочороски со победа и освојување на целиот плен ќе ја зачуваат осмата позиција која последна води на завршниот турнир во некогаш најмасновото клупско натпреварување во нашата земја.

Во 11-та рунда покрај овој дуел ќе се одиграат мечевите помеѓу Работнички – Гостивар, Кожув – Вардар, МЗТ Скопје – Фени Индустри. Куманово ги заврши своите обврски победувајќи го Шкупи 120-90, а лидерот на табелата Блокотехна е слободен.

OhridNews