Без победник 17-17 (8-8) заврши дерби пресметката помеѓу Струга и Охрид во рамките од шестата рунда во плејофот во Супер лигата. Поделбата на бодовите беше најреална, ако се сумира се на крајот од мечот. За охридските ракометари ова беше второ реми во серија, после поделбата на бодовите во Битола против Еурофарм Пелистер 2.
Почетокот на натпреварот и воопшто првиот дел помина во знакот на играта во одбрана. Влогот во мечот и предзнакот „Езерско“ дерби си го направи своето. Двете екипи влегоа мошне мотивирано. Охрид поведе, но домаќините за нијанса подобро го отворија дуелот, поведувајќи во неколку наврати со еден гол разлика.
Охриѓани се стабилизираа, успеаја да го преземат водството и да поведат со два голови 7-5. Стружани до финишот ја анулираа предноста на Охрид и на одмор двете екипи заминаа со идентичен број погодоци на семафорот (8-8).
Второто полувреме продолжи во исто темпо, одбраните го имаа главниот збор, додека во напад двете екипи тешко постигнуваа голови. Ниту една од екипите до 50-та минута не се одлепи на два голови, а Струга беше таа која имаше констатно гол предност.
„Гладијаторите“ во 51-та минута со серија од 3-0 дојдоа до плус 2 (16-14). Имаа и напад за плус три кој не го реализираа, а во меѓувреме останаа со ракометар помалку. Стружани со серија од 2-0 изедначија на 16-16 и ја вратија неизвесноста во натпреварот.
Во финишот се одвиваше вистинска драма. Струга и Охрид погодија по еднаш и со 17-17 влегоа во последната минута од дерби средбата. Стружани имаа меч топка, но охридскиот голман Никола Даниловски го скроти ударот на Богдан Николиќ од пенал. Охрид на спротивната страна не реализираше и мечот заврши со поделба на бодовите.
Во следната рунда Охрид, на домашен терен го пречекува составот на Еурофарм Пелистер.
OhridNews