Составот на Бутел Скопје оствари позитивно реми на гостувањето во „Тодор Александров“ во Велгошти, ремизирајќи со Охрид 22-22 (10-10), во дерби пресметката од 8-та рунда во плејофот од Супер лигата.

Бодот во Охрид е голем за екипата на Бутел Скопје во борбата за топ 4 на табелата, додека бод за охриѓани е чекор назад во битката за излез во Европа.

Речиси целиот натпревар помина егал. После почетното водство на домаќините, Бутел Скопје беше прв кој се одлепи прво на два 5-3, а потоа и на три голови 8-5. Охридските ракометари со добар финиш и гол во последните секунди од првиот дел стигнаа до егал 10-10.

Во вториот дел водството се менуваше. Охрид повторно поведе, но Бутел Скопје се враќаше и обезбеди водство 17-15. „Гладијаторите“ со добра игра во одбрана и лесни голови во напад, израмнија и успеаја да поведат со два голови 19-17. Бутел Скопје не се предаде и со 3-0 серија, поведе со 20-19. Охрид врати, изедначувајќи на 20-20. Двете екипи постигнаа по два голови и во последната минута влегоа со 22-22. Бутел Скопје прв имаше напад за победа, кој не реализираше, а исходот беше исти и на спротивната страна за конечни 22-22.

На охриѓани за пласман во топ 4 им треба перфектна завршница на сезоната во плејофот, а Бутел Скопје направи голем чекор напред со освоениот бод во Охрид.

OhridNews

Фото: Архива