Ракометарите на Охрид не успеаја да се пласираат на завршниот турнир во Купот на Македонија, претрпувајќи пораз од Бутел Скопје 19-22 (8-10), во финалната битка од четвртфиналната група Г. Бутел Скопје е вториот патник. Претходно билетот за завршницата во најмасовното клупско натпреварување го чекираше Вардар.

Воведот од натпреварот и воопшто првиот дел помина во знакот на Бутел Скопје. Ракометарите во „црни“ дресови мечот го отворија маестрално во одбрана, а нападот погодуваше доволно за водство од 3-0 после пет минути игра. Охрид погоди за 3-1, но Бутел Скопје реализираше нови два голови за водство од 5-1. Следуваше минута одмор и „отрезнување“ на охридскиот состав. „Гладијаторите“ се консолидираа и со идентична серија (5-1) стигнаа до егал 6-6. Бутел Скопје за кратко време ја врати предноста, погодувајќи два пати во серија (8-6). Разликата од два погодоци на семафорот во корист на домаќините остана после истекот на 30-та минута (10-8).

Во првите пет минути од вториот дел домаќините го задржаа водството од два голови (12-10), откако двете екипи постигнаа по два погодоци. Бутел Скопје со два голови се одлепи на 14-10, повторувајќи ја највисоката предност од стартот на натпреварот. Охриѓани и покрај негативата не се предадоа, продолжувајќи да играат и да се надеваат на позитивен исход. Бутел Скопје не отстапи од тврдата игра во одбрана, а и нападот беше на ниво. Охрид бркајќи резултат во финишот грешеше, а домаќините водството го преточија во победа (22-19) и пласман на завршниот турнир во Купот на Македонија.

„Гладијаторите“ пласман во финалето од четвртфиналната група обезбедија со победата над Струга, во „езерското“ дерби додека Бутел Скопје славеше во пресметката со Јуниор КВ. Двете екипи добро се познаваат, а првата средба во плејофот им припадна на скопјани, кои славеа со 28-24.

Викендов нема мечеви од плејофот во Супер лигата, а возбудувањата продолжуваат среда (7 април). Охрид на домашен терен го пречекува скопски Металург.

OhridNews