Охридските ракометари се пласираа во финалето од четвртфиналната фаза во Купот на Македонија, победувајќи ја Струга со 22-17 (11-7), во „Езерското“ дерби, кое се одигра во СРЦ „Билјанини Извори“. Последна пречка за охриѓани за пласман на завршниот турнир во Купот на Македонија ќе биде подобриот од вториот полуфинален натпревар помеѓу Бутел Скопје и Јуниор Кисела Вода.

„Гладијаторите“ одлично го отворија мечот и после пет минути играа поведоа со 3-0. Стружани се консолидираа и не дозволија разликата да расте на семафорот. Охрид предноста од три голови ја чуваше до 6-3. Тогаш, Струга со два погодоци во низа намалија на 6-5 и се вратија во игра. Охрид го стопираше налетот на гостите и не дозволи изедначување. Охриѓани со серија од 3-0 во финишот обезбедија четири голови позитива на одморот (11-7).

На стартот од второто полувреме Охрид стигна до највисоки пет (12-7). Но стружани со серија од 3-0 намалија на 12-10 и ја вратија неизвесноста во натпреварот. Охрид уште еднаш се одлепи овој пат на плус четири (15-11) со серија од 4-1. Стружани немаа сили за нов кам бек, а охридските ракометари мечот го спроведоа во мирна завршница и победа 22-17.

Во охридскиот состав најефикасе со седум голови беше Никола Ристески, а четири реализираше Наум Костов. Кај стружани се истакнаа Богдан Николиќ и Тодор Јанкулоски со по четири погодоци. Струшкиот голман Мартин Јовановски интервенираше успешно девет пати.

Мх.П.