И навистина, славниот град на поезијата, прекрасната Струга, град на 100-те Самуилови мостови, блескаше како озарена од пролетното сонце, торжествено славејќи го маченикот кој со своите молитви го закрилува овој древен град.
Тоа е една прекрасна традиција, која постои овде од памти век, зацврстена во времето на преродбата, кога е обновуван и повторно изграден велелепниот храм кој суштествувал дури пред 16 век, посветен на Св. Георгиј, завет на светогорските зографски монаси. Тогаш благоверниот струшки народ, кој од секогаш го почитувал и славел Великомаченикот, понесен од христијанско милосрдие и љубов, на вториот ден од храмовата слава поставувал скромна трпеза на љубовта надвор од храмот и ги повикувал сите бедни, од сите националности и вери, и притоа струшките еснафи си земале подвиг- пожртвувано да им служат на сиромасите, а се грижеле и за тоа на болните, вдовиците и сирачињата, кои не можеле да дојдат, храната да им се однесе дома.
Гледајќи го овој подвиг, никој во Струга не можел да остане рамнодушен на таквата самарјанска љубов, па затоа обединети во празнувањето и христијани и муслимани, сите со голема ревност се прибројувале кон свечената литија, кога низ струшките улици со големо торжество и почит била носена чудотворната икона на Св. Георгиј од 16-ти век. Ревносните струшки свештеници со силна вера и голем труд успеале оваа традиција да ја сочуваат и до ден денешен, па така и во последниве години стружани со искрена љубов го славеа споменот на Победоносецот, иако не со толкав сјај и не во толкав број.
Сепак, оваа година старите стружани одново силно ја почувствуваа посетата на Св. Георгиј и неговиот благослов. Имено, според зборовите на еден од најстарите и најпочитувани струшки жители, автор на многу книги за стара Струга, кој во својот долг и богат живот доживеал да ги види славните денови на преродбенска Струга со своите духоносни свештеници и големи патриоти, со својата чудесна раскошна архитектура и гостољубив народ, со своите поети и проповедници на верата, почитуваниот Јоне Кленко, после повеќе од 60 години Струга повторно доживеа да ја види воскреснатата, стара традиција на празнување на овој голем празник.
Славниот Победоносец годинава посака да го удостои градот со една навистина прекрасна литија, или како што стружани велат свечена еордија (од византискиот збор еорди што значи празник), во која покрај чудотворната икона на Св. Георгиј, на посебно украсен цветен балдахин – кувуклија беа носени и неговите свети мошти.
Стружани со слапови од цвеќе и со голема радост ги дочекаа моштите на славниот маченик, кои сестринството на манастирот на Св. Георгиј во Рајчица како и Бигорското братство заедно со својот игумен, архимандрит Партениј, ги донесоа сакајќи да ја збогатат оваа стара струшка традиција, и да ја споделат со стружани благодатта што толку штедро се излева од светите мошти.
Голема беше радоста на видните струшки граѓани, г-дин Марјан Деребан, г-дин Номче Паноски, г-дин Ѓорѓи Жупан, г-дин Никола Евроски на кои им припадна честта да го носат на своите рамена престолот со моштите на Великомаченикот. Литијата се движеше од Храмот кон Струшката чаршија, за од тука да се упати кон бисерното езеро, поминувајќи покрај Свети Никола, се приближи до водите на Црниот Дрим- и тие се осветат преку Моштите на Маченикот, а потоа низ Струшката чаршија повторно во Храмот на Великомаченикот.
текст и фото: Свештено-ѓакон Васко Голабоски