Голем број верници од Струга, Охрид и околните населени места се поклонија пред моштите на Св. Георгиј и чудотворната икона посветена на овој светец, кои традиционално на 7-ми мај се изнесуваат од храмот Св. Георгиј во Струга од каде со литија минуваат низ улиците на градот.
Раскошната поворка се движеше во величествена атмосфера низ улиците во Струга, а голен број верници беа дел од истата. Велат секоја година е се поголем бројот на верници кои се дел од истата, а тие се среќни и духовно исполнети што имаат можност да бидат дел од литијата.
- Секоја година се поголем и поголем број на луѓе се собираат во ова прекрасна и тожерствена литија. Годинава стана не само балканска, туку и доаѓаат луѓе кои се иселени од Америка, Австралија за да присуствуваат на оваа прекрасна литија. Се радува великомаченикот Георгиј гледајќи не собрани во толку голем број секоја година се повеќе и повеќе. Да бидеме истрајни во верата како Св. Георгиј и да бидеме радосни во духот.
- Благодарност до Владиката Партениј и Бигорскиот манастир што ни овозможија да присуствуваме на највеличествениот и најубавиот ден. Литијата ни е позната ширум Балканот и сите сме сведоци на тоа. Среќна, радосна и исполнета сум, достоинствено горда што сум дел од сето ова и ќе го искористам моментот да ги цитирам зборовите на владиката Партениј: „Сакајте, почитувајте и проштавајте, по тоа ќе ве познаат, по љубовта“.
Можеме да видиме како стружани денес одново ја живеат полнотата на воскресната радост, вели сестра Ефимија.
Како и секоја година, тие најгостољубиво и најдостоинствено ги пречекуваат моштите на Св. Георгиј Победоносец и крминската икона на Богородица кои многу силно го излеваат својот благослов овде меѓу нас и особено многу придонесуваат кон сеопштата и сенародна радост. Велам сеопшта и сенародна, бидејќи околу оваа литија е обединета и целата наша земја и соседните простори, додава сестра Ефимија.
Честа да ја носи иконата на Св. Георгиј на овогодинешната литија му припадна на нашиот познат пејач Ламбе Алабаковски.
Особена чест и задоволство ми е да учествувам во литијата во Струга, како и пред 13 години кога за првпат се возобнови оваа традиција. Ова ми е трет пат како учествувам и навистина е нешто што ги сплотува сите стружани, но и луѓе од околните места. Овој пат ја носат иконата на Св. Георгиј, која датира од 12 век и е чудотворна. Навистина преубаво е чувството, им испраќам на сите љубов и благодат, вели Алабаковски.
Моштите на Св. Георгиј Победоносец се донесени во Македонија во 2003 година од Светогорскиот скит Кавсокаливија, преку архимандриотот Епифаниј од Атина. Подарени му се на архимандриото Партениј за метохот на Св. Георгиј Победоносец во с.Рајчица, Дебар. Овие мошти се надалеку познати по своето чудотворство и исцелителност.
Оваа убава духовна традиција е обновена во 2009 година.
Н.С.Ј.