Уште едно куче од охридските улици кое не доби шанса кај нас, својата среќа ја најде во странство.

Кучката Лиска од населбата Видобишта која изминатото лето со своите малечки беше затворена во подрум од невселена куќа бидејќи локалните жители стравуваа да не ги нападне, благодарение на волонтерите од здружението за заштита на животните „Охрид стреис“, најпрвин беше згрижено, за сега да добие дом во семејство во Англија, каде пристигна вчера.

Среќата му се насмевна и на нејзиното единствено преживеано кученце Теди, кое свој дом си најде во Германија.

Волонтерите од „Охрид стреис“ се грижеа за Лиска и Теди  во импровизираниот стационар на Мауцкер, каде  се згрижени повеќе бездомни кучиња на кои им бараат траен дом. Сами се снаоѓаат за храна за згрижените животни, а работат без основни услови, компензирајќи го отсуството на системско решение. Според најавите, на овој простор треба да се изгради прописен стационар за бездомни животни, кој со години е зглавен во лавиринтите на системот.

OhridNews