Секторот за внатрешни работи-Охрид против лицата Д.У. роден 1975 година од Струга и Г. А. роден 1979 година од Охрид, поднесе кривична пријава поради основано сомнение дека се сторители на кривично дело “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”. Лицата се лишени од слобода а од страна на Истражен судија при Основниот суд во Охрид им е одредена мерка притвор во траење до 30 дена.

На ден 28 јануари годинава, по претходен телефонски договор, првопријавениот пред неговиот дом во Струга на второпријавениот му продал опојна дрога “хероин” во вредност од 2 700 денари, од која, овој, имал намера, дел да задржи за себе а еден дел, по цена од 300 до 500 денари да ја продаде на повеќе лица-наркозависници од Охрид и Скопје.

Од страна на инспекторите за борба против дрога при СВР Охрид, опојната дрога “хероин” е пронајдена во патничко моторно возило со кое по купувањето Г.А. се враќал за Охрид.

Второпријавениот Г.А. веќе подолго време набавувал опојна дрога “хероин” од првопријавениот Д.У. од Струга од која еден значителен дел ја препродавал. Така во текот на септември 2008 година, истиот, по цена од 400 денари им продал хероин на две лица, кои, со цел да ја користат, се упатиле во еден стан во центарот на Охрид. Лицата се затекнати од полицискитѕе инспектори, а одземениот материјал е предаден на вештачење во МВР.

Инаку, лицето Д.У. од Струга е познат дилер и наркозависник, на кого, по поднесена кривична пријава од СВР Охрид, во текот на ноември 2008 година му беше одредена мерка притвор во траење до 30 дена.

извор:СВР Охрид