Новиот, принуден систем на елиминациони натпревари во четвртфиналето на Лигата на шампиони од само еден натпревар се покажа кобен за фаворитот Манчестер Сити, кој вечерва во Лисабон беше поразен од Лион со 1:3 (0:1).
Лион подобро го отвори натпреварот, а доминантната игра во првиот половина час ја круниса со водство во 24 минута преку Корне, кој постигна луциден гол. Сити се консолидираше, но до полувремето не успеа посериозно да го загрози голот на Лион.
Во вториот дел францускиот претставник се повлече, препуштајќи му ја комплетно иницијативата и играта на противникот. Казната стигна во 69 минута. Одличното додавање во простор Рахим Стерлинг го претвори во уште подобра асистенција за Де Брујне кој израмни на 1:1.
Сити продолжи да притиска и беше блиску до пресврт, но Габриел Жезус одреагира лошо во шеснаесетникот на Лион по прецизното додавање на Стерлинг. Лион, пак, ја чекаше својата шанса од контранапад. На местото на Депај во игра влезе Муса Дембеле, што се покажа како клучен момент. Во 79 минута одличната контра на Лион токму Дембеле ја претвори во ново водство од 1:2. Одлучувачкиот момент се случи во 85 минута, кога Рахим Стерлинг од само неколку метри промаши празен гол, а веќе во следниот напад Дембеле ги постави конечните 1:3.
Во полуфиналето Лион ќе се сретне со Баерн, а вториот полуфинален пар го сочинуваат РБ Лајпциг и ПСЖ.
Вечерашната е трета елиминација по ред на Гвардиола и Манчестер Сити во четвртфиналето од Лигата на шампиони.
Г.М.