Хрватскиот стручњак Лино Червар во спортската арена „Билјанини Извори“ против составот на Охрид во мечот од плејофот во Супер лигата за прв пат во македонскиот ракомет имаше „двојна улога“ како тренер на Металург и селектор на македонската репрезентација.


– Нема прв пат да работам како тренер во екипа и селектор на репрезентација така да немам некои непознати работи. Исто вака работев и во Хрватска кога бев селектор и тренер на Загреб. Мислам дека нема недостатоци туку само предности бидејќи со работата во Металург ќе можам да ги пратам сите играчи и од останатите екипи. – рече на почетокот од разговорот со Ohrid News, Червар.

Новиот селектор кој со раководството на Ракометната федерација на Македонија потпиша четиригодишен договор ќе има задача да ја одведе Македонија на Светското првенство во Франција.

– Селекцијата на патува баш во некои мирни води по неуспешниот настап во квалификациите за Олимписките игри во Рио. Сега е важно сите заедно да се сплотиме и со помош од публиката да ја оствариме желбата на секој Македонец пласман на Мундијалот во Франција. – истакна Червар.


Според рецептот од Металург, Хрватот ќе ја „готви“ концепцијата за македонската репрезентацијата. – Сакам успехот со Металург да го направам и со македонската селекција. Клубот кога го презедов не беше на висина како што е сега во Европа. Нема тука тајни. Само со работа и истрајност се стигнува до посакуваната цел, а ние ќе ја поставиме високо.


Червар, трет пат сезонава гостуваше во Охрид, а втор пат ги одмери силите со охридскиот клуб. Го пофали составот на Охрид, а позитивни зборови имаше и за публиката.

– Во нашите планови сериозно сметаме на Охрид. Можеби ќе одиграме некој контролен натпревар или пак некои подготовки ќе направиме тука. Публиката во Охрид е многу добра и позитивна, го сака и го разбира многу ракометот, што е олеснитална околност за охридскиот клуб и македонската репрезентација. – заврши Червар.

Михаил Постоловски