Одделенската наставничка Лила Каранфиловска од ООУ „Св. Наум Охридски“ од Пештани е прогласена за најдобар наставник на 7-мата регионална Конференција на најдобрите наставници, директори и образовни лидери во регионот во Велика Горица, Хрватска.

Целта на конференцијата беше да се поттикне регионално вмрежување на најдобрите едукатори, наставници, професори, стручни соработници.

Иновативната работа на овие наставници е двигател и иницијатор на формални образовни реформи, на кои се повикуваат сите земји во регионот. На конференцијата присуствуваа повеќе од 200 наставници од Босна и Херцеговина, Република Србија, Македонија, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Македонскиот тим од 45 просветни работници, се врати дома со двајца нови полноправни членови на Асоцијацијата, 7 признанија за најдобри наставници, едно признание за најдобар директор, 3 признанија за најдобри штандови на Саемот на образование и признание за најдобар амбасадор за Ксенија Маказлиева Трајческа. Со големо задоволство и гордост ќе го понесам ова признание за: Најдобар наставник во регионот од Асоцијацијата на најдобри наставници и лидери во регионот!, вели Каранфиловска.

Посочува дека е среќна што за името на училиште во кое работи ООУ „Св. Наум Охридски” – Пештани и Охрид се слушна дури во Хрватска.

Конференцијата заврши со доделување на сертификати на учесниците на конференцијата. Ова беше уште една можност најдобрите наставници од регионот да се соберат, да ги разменат своите идеи и искуства, да ја претстават својата работа и училиште, како и земјата од која доаѓаат, додава Каранфиловска.

Воедно информира дека следната, осмата по ред Конференција ќе се одржи во прекрасниот Охрид, градот кој лулка на словенската писменост и култура и потенцира дека светот на образованието ги брише границите.

OhridNews