Вечерва, 2 август, во 20:00 ч. во музеј „Куќата на Робевци” во Охрид ќе се отвори изложбата ”Форми во црно” на Мице Јанкуловски.
Изложбата ќе ја отвори д-р Мелани Зеферино, Италија, автор на текстот „Формите во царството на естетската меморија” за творештвото од „Форма 3” на Мице Јанкуловски.
Мице Јанкуловски е исклучителен мултимедијален уметник кој истражувал различни дисциплини во уметност од неговата најрана возраст – од цртеж до слика, користејќи различни материјали и техники, вклучувајќи сатирично сликарство на стакло, од палиндром до карикатури и анимирани филмови. Неговото творештво кое опфаќа различни медиуми го рефлектира неговиот поглед кон светот како реалност која постојано се менува, во која многу работи се движат низ времето и просторот, преклопувајќи се на рамнина која се протега бескрајно далеку… вели критиката
Мице Јанкуловски има одржано над педесет самостојни изложби во престижни простори во својата земја и на меѓународната сцена, како во Палатата Ка ‘Занарди во рамките на ОСТЕН павиљон Венеција, Италија; Галерија Лола Николау во Солун, Грција; Градската галерија во Варна, Бугарија; Архиви дела Мизерикордија во Венеција, Италија; Devlet Resim Heykel Muzesi во Анкара, Турција; Југословенскиот културен центар во Париз, Франција и голем број на групни изложби.
Добитник е на највисоки меѓународни награди за творештво: Наградата за животно остварување „Лоренцо ил Магнифико” на Фиренца Биенале, Италија, оваа година, Наградата „Уметник на светот” на Биеналето Ларнака, Кипар 2018, ГРАН ПРИ на Меѓународното биенале на графика Варна, Бугарија во 2017 и многу други…
Оваа, 2019 година, Мице Јанкуловски одбележува 50 години уметничко творештво и до крајот на годината ќе има самостојни изложби во Прилеп, Куманово, Тетово, Торино, Италија; Ст. Петерсбург, Русија и Солун, Грција – изложба со дела од Пикасо.
Исто така вечерва, 2 Август, во летната резиденција на МАНУ, Куќата на Уранија во Охрид во 20 часот, ќе биде отворена ликовната изложба „Обоена колекција на радост“ на најнови дела од уметникот Сашо Блажес.
Изложбата ќе ја отвори м-р Мирко Вујисиќ, редовен професор на Факултетот за Ликовна Уметност од Скопје.
Сашо Блажес на оваа изложба постави дела кои со својата сликовна еманација се со нова, еволутивна подразбирлива изразност до колку се познаваат претходните фази и процеси во неговото уметникување. Првичната афирмација ја стекнува со графики и цртежи, колоритно изработени во комбинираните техники. Од нив се исчитува сложен, дескриптивен свет на алегорична и гротескна симболика на ликови и фигури. Тие сценски раскази, изработени со арабескен ракопис, јасно ги дефинираат внатрешните светови на фантазмот што е егзактно опишан секому да е поимлив, во секого присутен низ личните отелотворени сновиденија. – вели професорот Вујисиќ.
OhridNews