Македонскиот фудбалски првак, Вардар ќе продолжи да сонува за пласман во групната фаза од Лигата на Шампиони откако евроавантура сезонава ја заврши во втората квалификациска рунда.
Непреминлива пречка за „црвено црните“ беше хрватскиот шампион Динамо Загреб. „Модрите“ победата од Скопје (2-1) на Максимир ја капитализираа со нова победа (3-2) за вкупен резултат 5-3.
Пулените на Гоце Седлоски во текот на мечот имаа два пати предност (1-0, 2-1), но непромислените потези во казнетиот простор на „вардарци“ со голови од пенал ги казнуваше Марко Пјаца.
Сите дилеми околу патникот во третата рунда од квалификациите ги разреши Мачадо во 79-та минута, кога го постигна третиот воедно и победнички гол за Динамо.
Противник на Динамо во третата рунда од квалификациите за пласман во ЛШ е Динамо Тбилиси.
Мх.П.