Актуелниот македонски првак и двократен европски шампион, Вардар, вечерва во Скопје, во салата „Јане Сандански“, го совлада актуелниот вицепрвак и фаворит во годинешното натпреварување во Лигата на шампиони, Алборг од Данска, со 30:28, полувреме 16:16.
Вардар на Веселин Вујовиќ, кој во својот состав сезонава има 10 нови имиња, покажа исклучителен квалитет, но и карактер. Алборг во првата четвртина од мечот имаше +4 разлика, но Вардар возврати со извонредна игра во двата правци за 16:16 на полувреме. Клучен момент во првиот дел беше влегувањето во игра на Борко Ристовски на голот на Вардар кој со 16 одбрани го предводеше својот тим до триумф.
Вардар во вториот дел го презеде водството. Борко доминираше на голот, а нападот беше на потребното ниво. На три и пол минути до крајот Вардар имаше 28:24, но по серија грешки Алборг се доближи на 29:28. Борко во одбраната и Њокас во нападот му го зададоа клучниот удар на скандинавскиот гигант за злато вредна победа со која Вардар се искачи на првото место во групата.
Г.Момироски
Фото: РК Вардар