Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер со пораз ги почна натпреварите од европската Лига на шампиони откако вечерва во Битола загуби со 22:31 од норвешкиот шампион Колштад.

Конечниот исход на натпреварот беше видлив на почетокот од средбата кога гостите поведоа со 5, 6 и 7 голови разлика, а во 20 минута беше 4:12 за искусниот тим од Норвешка кој предводен од крилата Алберг и Гудјунсон лесно ја погодуваа мрежата на Лесјак.

Првото полувреме заврши со предност на гостите од 10: 16, а второто го почнаа уште поефикасно и го зголемија водството на 9 голови предност – 10:19. Битолчани бодрени од домашната публика не наоѓаа решение за одличниот голман Бергеруд, кој ја „спушти ролетната“ на неговиот гол.

Верувам во играчите и екипата, но ни треба време и разигрување на бековската линија. Ние имаме сили да се натпреваруваме во европскиот ракометен крем, изјави по завршувањето на средбата, тренерот на РК Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ

Колштад беше супериорен на терен. Ги искористи нашите грешки, а и ние имавме многу промашувања. Мислам дека мора да додаме гас и да бидеме подобри во иднина во Лигата на шампионите. Ни треба поддршка од сите. Голема благодарност до публиката која што дојде во толкав број и нè бодреше во текот на целиот натпревар. Само заедно ќе го најдеме вистинскиот пат и така ќе бидеме подобри во иднина, изјави Жарко Пешевски, капитен на Еурофарм Пелистер.

По завршување на мечот битолска публика со аплауз ги награди ракометарите на норвешката екипа.

Најинтересните моменти од натпреварот Еурофарм Пелистер – Колштад

Г.М.
Фото: Е. Пелистер