Македонската фудбалска репрезентација од водечката позиција на табелата ќе ги започне последните две рунди во фазата по групи во Лигата на Нации. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски на дуелите со Лихтенштајн во гости и со Гибралтар на домашен терен немаат право на кикс, бидејќи џокерот го искористија на гостувањето во Ереван кај селекцијата на Ерменија.

Македонија со две победи ќе го осигура првото место во групата иќе конкурира мечевите во баражот да ги игра на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје, што ќе биде голема предност.

  •  Атмосферата секогаш била на највисоко ниво, ќе изберам 11 фудбалери кои треба да ни донесат победа утревечер. Верував во оваа репрезентација кога малкумина веруваа. Но, главното што треба да го направат е утревечер. Не е важно против кого играме, туку за што играме. А, утре играме за голема цел. Сите се добро подготвени, па така и Столе Димитриевски. Јас кажав дека тој е прв голман, тој брани во Примера и воопшто не се сомневам ни во него, ни во останатите. Наша цел беше да дојдеме неколку дена порано и да се аклиматизираме, но и да го избегнеме дополнителниот напор на пристигнување до Скопје. – изјави селекторот Ангеловски.

Капитенот на „црвено жолтите“, Горан Пандев верува дека селекцијата ќе го потври квалитетот и ќе ги добие мечевите со Лихтенштајн и Гибралтар. – Поразот во Ерменија беше една лоша вечер за нас, но и за судијата. Но, сега мислеме на Лихтенштајн. Добро се познаваме, често играме против нив во последните години и мислам дека ако одиграме како што знаеме, нема да имаме проблеми. Уште сме први во групата и не знам зошто толку трагично во нашата земја беше сфатен овој пораз. Ова е нашата најквалитетна селекција и тоа ќе го докажеме. Само да влеземе со чисти глави и нема да имаме никакви проблеми. Разликата од 100 места на ФИФА листата со Лихтенштајн не мора ништо да значи. Пред три години бевме многу блиски до нив, па направивме позитивна серија и се искачивме многу повисоко. Најважни се три бода, без разлика со кој резултат, и в понеделник да го прославиме првото место во групата.

Конкурент на Македонија за првата позиција и е селекцијата на Ерменија која има шест бодови. А репрезентацијата е лидер во групата со девет поени, освоени со победите над Гибралтар, Лихтенштајн и Ерменија.

OhridNews