Фантастичен пресврт приреди актуелниот светски првак Франција, која во рамки на полуфиналето на Лигата на нации на УЕФА, вечерва во Торино ја совлада Белгија со 3:2.

Белгијците имаа два гола предност на полувреме, откако Караско и Лукаку беа прецизни во 37 и 40 минута. Но, во вториот дел сликата на теренот целосно се промени. Триколорите доминираа, а шансите пред голот на Куртоа се редеа една по друга. По еден продор на Мбапе, Бензема во 62 минута го преполови водството на Белгија, а по старт врз Гризман во шеснаесетникот на Белгија и асистенција на ВАР, Мбапе од пенал израмни на 2:2 во 69 минута.

До крајот на мечот се водеше отворена битка, која лесно можеше да има поинаков крај, доколку ВАР во 86 минута оправдано не го поништеше голот на Лукаку поради офсајд. На спротивната страна во 90 минута Тео Хернандез го совлада Куртоа за пласман на Франција во финалето на Лигата на нации.

Поразената Белгија во недела во 15 часот во Торино ќе се сретне со Италија во меч за третото место, а во вечерниот термин во финалето на Лигата на нации ќе се сретнат Франција и Шпанија.

Г.М.
Фото: УЕФА