Повеќе од 5.000 полицајци се во состојба на готовност во Севиља во очекување во градот да пристигнат огромен број фудбалски навивачи од Германија и Шкотска за утрешното финале во Лига Европа меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Глазгов Ренџерс.
Дел од градските улици се затворени за сообраќај, а засилено е обезбедувањето околу културните споменици, влезовите во подземната железница и поголемите трговски центри пред најавеното доаѓање во Севиља на повеќе од 150.000 навивачи. Според проценките, околу 100.000 ќе допатуваат од Шкотска, а 50.000 од Германија.
Градот подготви две навивачки зони за оние кои ќе допатуваат во Севиља без влезници за финалниот натпревар.
Потребна ни е максимална координација меѓу локалната и сојузната полиција за да го сведеме на минимум ризикот кој може да се јави при толку голем број навивачи, изјави градоначалникот на Севиља, Антонио Муњоз.
Севиља очекува дека финалето меѓу Ајнтрахт и Ренџерс ќе му донесе на градот приход од околу 50 милиони евра.
OhridNews