Познатата македонска поетеса Лидија Димковска е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Димковска е добитничка на наградата за нејзината поетска збирка „Гранична состојба“ .
Гранична состојба“ е поетска книга која предупредува насочувајќи ги нашите погледи кон средиштето на отворените рани на светот. Овие стихови, остри како сечила ни ги отвораат актуелните политички и социјални крварења, ни ги предочуваат сите недоумици и несреќни одлуки, не опсипуваат со глетки од историските страдања кои, за жал не донеле никаков наук и на ововременските воени и политички лудила. Лидија Димковска со мудроста на своите стихови предупредува на вриежот на валканата крв, на една неминовност чија бучава не заглушува и навестува татнеж после чија смртна тишина ќе се отвори амбисот на ништоста. Стиховите во „Гранична состојба“ се меко отворање на кортексот на еден ум што мора да се преобрази ако сакаме нашата духовна егзистенција да изроди нова стратегија за опстанок и нова патека кон совршенството, се вели во образложението од жири- комисијата.
Жирито во состав: Сашо Огненовски, Искра Гешоска, Атанас Вангелов, Весна Мојсова Чепишевска и Лулзим Хазири после прочитот на сите 33 пристигнати книги направи првична селекција и во потесен круг влегоа збирките:
„Потпис: трепетлика“ – Ана Стојановска (Три)
„Големата прегратка“ – Павлина Атанасова (ПНВ Публикации)
„Гранична состојба“ – Лидија Димковска (Или-Или)
„Девет преобразби во чудната шума“ – Пандалф Вулкански (Темплум)
„Сватови на песната“ – Даут Даути (Матица Македонска)
Прогласувањето на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ од оваа година е пред почетокот на фестивалот, со цел да се овозможи претставување на добитникот на наградата на тековното издание на фестивалот, а не само негово прогласување пред крај на фестивалското издание. На овој начин е возможно да се обезбеди превод на англиски на најрепрезентативните песни од наградената збирка и соодветно претставување на тековниот добитник , особено пред гостите од странство.
Претставувањето на минатогодишниот добитник на наградата, Ива Дамјановска останува во вообичаениот формат, преку издавање на публикација во целосен препев на англиски на наградената збирка од минатата година и нејзино претставување во рамки на програмата на фестивалот.
Преостанатите четворица кандидати во потесен избор исто така, според вообичаената пракса, ќе бидат дел од програмата на фестивалот.
Струшките вечери на поезијата оваа година ќе се одржат од 26 до 30 август со целосно почитување на најновите мерки за заштита од ковид пандемијата.
ОhridNews