Лидерите на најголемите политички партии и на денешната втора средба не постигнаа договор за измена на Уставот во делот на Судскиот совет, но се договорија да одржат уште една средба кон крајот на април.

За владеачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ неприфатливи се предлозите на Нова демократија и на ДУИ, амандманот 10 од Уставот кој предвидува законите за култура и лични документи да се носат со Бадентерово мнозинство и да се донесе закон за Буџет односно донесувањето на државниот буџет да биде преку двојно гласање.

„Одговоривме на она што Нова демократија го бара е негативен, бидејќи со таквите барања далеку се надминати рамките на Охридскиот рамковен договор. Од ДУИ нецелосно го прочитав предлогот на амандманот , но колку што видов тој е сличен на предлогот од НД. Ваквите предлози ние нема да ги прифатиме и ако тоа е услов за отварање на Уставот, нема да го отвориме“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Лидерот на Нова демократија Имер Селмани ги образложи предлозите на неговата партија и рече дека доколку би настанале уставни измени без да се прифатат предлозите на опозицијата дека тоа ќе претставува неуспешно менување на Уставот, а одговорноста за неуспехот ќе ја сноси власта.

Во врска со предлог амандманот на СДСМ со која се предлага измена на член 52 од Уставот , однсосно да се оневозможи застарување на кривичните дела пофрзани со трансформацијата на претпријатијата со државен и општествен капитал, за Премиерот амандманот е предложен во погрешно време, односно ваков амандман требало да се предложи на почетокот на приватизацијата.

„Она што ние го предлагаме ќе биде вградено во Уставот на Хрватска, значи не се работи за никаков преседан, туку за нешто што е прифатено и во други земји“, рече претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски и додаде дека не гледа причина зошто Премиерот не би го прифатил ваквиот предлог.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети предложи да се формираат работни групи од сите политички партии за да се анализираат сите предлози.

Останатите лидери се согласиле со овој предлог и се договориле дека кон крајот на месецот повторно ќе остварат лидерска средба на која ќе се знае дали ќе се направат измени во Уставот или не.

На лидерската средба, која започна околу пладне, учествуваа лидерите на ВМРО-ДМПНЕ, Никола Груевски, на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДУИ Али Ахмети и Абдулаќим Адеми  и на Нова Демократија Имер Селмани. Лидерот на ДПА Мендух Тачи, иако поканет, не се појави на средбата.

OhridNews
извор: „Макфакс“