Четворицата лидери на најголемите политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, денес, во 14 часот ќе одржат средба, во просториите на Клубот на пратеници. Средбата е на иницијатива на претставниците на меѓународната заедница, а ова било компромисно решение за да се отвори дијалог за решавање на политичката криза, јавуваат дел од македонските медиуми.
„Постојат разногласни иницијативи во ова време на длабока политичка криза. СДСМ ќе присуствува на лидерска средба со Никола Груевски само со меѓународно посредништво или конкретно со присутни луѓе од меѓународната заедница. Повеќе нема со криминалци да присуствуваме, директно да разговараме, да нè снимаат на видео и тоа да го пласираат во јавноста“, изјави во среда, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, прашан дали ќе присуствува на лидерската средба.
Првично било предложено средба да се одржи меѓу Груевски и Заев во Брисел, со посредство на европратениците Иво Вајгел, Едвард Кукан и Ричард Ховит, но поради фактот што Заев не смее да ја напушти државата, се одлучило средбата да се одржи во Скопје. За средбата да се одржи под координација на претседателот Ѓорге Иванов, не се согласила владејачката ДУИ, затоа што не го признаваат изборот на претседателот.
OhridNews
извор Макфакс