Лидерот на Новата социјалдемократска партија – НСДП, Тито Петковски, жестоко ги критикуваше пратениците од Охрид Мирјана Секуловска и Веле Митаноски, поради нивните јавни настапи во деновите на силна криза на партијата.

Петковски ги повика охридските пратеници од НСДП да формираат фракција или да ја напуштат партијата, незадоволен од нивните јавни настапи во кои тие отворено ги критикуваа состојбите во партијата. Петковски смета дека кризaта во партијата придонела за „смирување“ на лутите ривали Секуловска и Митаноски, но смета дека доколку тие решат да заминат од партијата, НСДП и натаму ќе остане силен фактор на политичката сцена.

Пратеникот Митаноски  изненаден од ваквите ставови на лидерот Петковски, изјави дека не размислува да ја напушти НСДП во која како што рече е од самото основање. Пратеничката Мирјана Секуловска пак истакна дека поминало времето на политика од типот „раздели па владеј“. Таа  демантираше дека е во лоши односи со колегата Митаноски, иако извори од партијата тврдат дека тие двајца  подолго време не разговараат.

Кризата во НСДП кулминираше со случајот со фалсификуваната диплома на поранешниот државен секретар во Министерството за одбрана Лилјана Стеријовска, кој иницира жестока внатрепартиска расправа по која беше  побарана и оставка од министерот за одбрана Лазар Еленовски.

Последните случувања во НСДП, според лидерот Петковски се резултат на „експлозија“ на внатрепартиската демократија, додека познавачите на состојбите сметаат дека тие се почеток на внатрепартиска војна за позиции и лични интреси која нема да го одмине ниту општинскиот огранок во Охрид. Потврда на тоа се најавите за поништување на резултатите од неодамнешната изборна конференција на општинската организација на НСДП, на која на местото на Мирјана Секуловска на чело на огранокот во Охрид застана актуелниот директор на Македонија пат, Лазо Ставрески.

ohridnews