Лидерите на иницијативата „Отворен Балкан“ на 7 и 8 јуни ќе се сретнат на самит во Охрид. Оваа иницијатива предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу земјите-членки.

Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска исткана дека со Отворен Балкан се отстрануваат работните дозволи и се признаваат дипломите. По денешниот видео-конференциски состанок со српскиот претседател, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама, Ковачевски на својот Фејсбук профил напиша дека разговарале за забрзување на имплементацијата на проектите во рамките на Отворен Балкан.

Бариерите паѓаат, а ние се поврзуваме побрзо. На самитот во Охрид на 7 и 8 јуни фокусот ќе биде насочен на туризмот и културата, најави премиерот.

Вучиќ, пак, по средбата на својот Инстаграм профил напиша дека Отворен Балкан е најдобрата иницијатива за народите на Балканот.

Подготвуваме големи работи за граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија, порача Вучиќ на Инстаграм профилот „будучностсрбијеав“, заедно со фотографии од видео-конференцијата.

На средбата присуствувале и српскиот министер за финансии, Синиша Мали, министерката за трговија, Татјана Матиќ и претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС), Марко Чадеж.

На почетокот на јуни во Охрид се очекува средба во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, на која ќе присуствува и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ. Како што јави РТЦГ, Абазовиќ изјави дека се уште не слушнал валиден аргумент дека оваа регионална иницијатива не е добра за Црна Гора.

Тој за новинарите истакна дека претставниците на Црна Гора како набљудувачи и претходно биле на самитите на иницијативата „Отворен Балкан“ и оцени дека треба да се прифати секоја регионална иницијатива која би можела да ја забрза европската интеграција на земјата, нагласувајќи дека нема алтернатива за членството во Европската унија, пренесува РТЦГ.

Инаку, иницијативата за поинтензивна соработка на Западен Балкан во 2019 година ја покренаа тројца лидери – српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Северна Македонија Еди Рама и Зоран Заев со цел слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал според моделот на ЕУ.

Од тогаш беа одржани неколку состаноци, а последниот беше минатата година во Тирана, кога беа потпишани Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.

Иницијативата беше покрената под името „Мини Шенген“ па преименувана во „Отворен Балкан“ и е отворена покана за сите во регионот да ѝ се придружат.

OhridNews