Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на ДУИ и на ДПА ги продолжиле дискусиите за точната организација на владата што ќе ги подготви изборите, како што е предвидено во шестата точка од договорот од 2-ри јуни, се наведува во соопштенијата на двете најголеми партии во Македонија, по денешната лидерска средба.

Лидерите на четирите партии се договориле да се состанат во наредните денови.

-Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, го претстави владиниот нацрт – план за примена на препораките што се однесуваат на системски реформи во областа на владеење на правото што е потребно да се спроведат согласно точката шест од договорот од 2-ри јуни – соопштија и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во идентични соопштенија до јавноста.

Според договорот од 2-ри јуни, постигнат меѓу четворицата лидери во присуство на еврокомесарот Јоханес Хан, предвремени парламентарни избори во земјата треба да се одржат до крајот на април следната година.

И на оваа лидерска средба присуствуваа амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија -Аиво Орав и Џес Бејли.

OhridNews

Извор:„Вест“