Синоќа во 20.50 часот, во хотел во Охрид, наменет за сместување лица во државен карантин, три лица oд Битола, Кавадарци и Берово ги прекршиле здравствените прописи за време на пандемија. Тие сакале да прават забава, но обидот за заедничка дружба завршил неуспешно. Против нив ќе биде поднесена кривична пријава според членот 206 од Кривичниот законик, информира СВР Охрид.

На подрачјето на СВР Охрид, регистрирани се вкупно 228 лицa што се под задолжителна мерка државен карантин (Охрид- 202, Струга- 26), кои се сместени во четири сместувачки објекти (Охрид-3, Струга-1).

Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Охрид е стабилна, велат од полицијата. Изминатово деноноќие, седум лица (Струга-4, Кичево-3) не ја почитувале забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус COVID-19. Тие се приведени и против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Во истиот период, не се регистрирани кражби и сообраќајни незгоди.

Непречено се одвива контролата на лица кои се под мерките задолжителен државен карантин, здравствен надзор и домашна изолација и задолжителна 14 – дневна самоизолација. Нема нови лица со решение за изолација и извршени се 9 контроли на лицата кои веќе се во изолација (Охрид-7, Струга-2). Евидентирани се 9 нови лица во самоизолација, (Охрид-2, Дебар-7) и извршени се 410 контроли врз овие лица (Охрид-44, Струга-206, Кичево-24 и Дебар-136), информира СВР Охрид.

OhridNews

Приведени 67 граѓани поради непочитување на забраната за движење