Партијата Левица и официјално ги објави имињата на носителите на изборните листи во шесте изборни единици за претстојните парламентарни избори.
Носител во ИЕ 1 е проф. д-р Димитар Апасиев, претседател на Левица, пратеник во Собранието на Република Македонија, доктор на правни науки, професор на Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Носител во ИЕ 2 – Амар Мециновиќ, портпарол на Левица, носител во ИЕ 3 – Борислав Крмов, пратеник во Собранието на Република Македонија и член на највисокото партиско раководство, во ИЕ 4 носител е Сашко Јанчев, магистер по кривично право, член на ЦК и советник на Левица во Општина Гевгелија, во ИЕ 5 листата на Левица ја предводи стружабнката Јована Мојсоска, дипломиран криминолог по финансиски криминал, генерален секретар на партијата, и во ИЕ 6 носител е Игор Димески, раководител на Сектор за енергетика и советник на Левица во Општина Центар.
Еднаш засекогаш ќе ги предизвикаме политичките елити кои управуваат со нашите животи и ќе ја вратиме политиката моќ во рацете на работничката класа! Нашите носители и идни пратеници во Собранието на Република Македонија ќе бидат гласот на народот во Собранието, како што докажаа и нашите досегашни пратеници.
Парламентарните избори ќе се одржат на 8 мај.
Г.М.
Фото: Левица