Познатиот охридски фотограф и издавач Зоран Велјаноски – Летра, денеска во кафетеријата „Ликвид“ ја промовираше фото книгата „Три рефлексии на погледот“. 

Промоцијата има три симболики, истакна Летра.

-Прво сакав да ја споделам оваа моја книга со новинарите кои што ја следат мојата кариера, второ малку да ја релаксираме изборната атмосфера и трето во месецот кога се одржува саемот на книгата сакавме да направиме една ваква промоција во Охрид.-изјави авторот на книгата Зоран Велјаноски Летра.

Во книгата се поместени фотографии кои суптилно укажуваат на човековото пркосење на природата и уништувањето на животната средина.

-Целта ми е преку овие фотографии да упатам и една критика, порака за се она што го прави човекот на природата и како ја менува.-рече Летра.

Промотор на делото е Славе Ѓорго Димоски, кој во предговорот на фото книгата ќе напише дека Охрид е свето таинство постојано опкружувано од пророци, сликари, поети, учени луѓе, град кој отсекогаш претставувал мистерија, мистични и хаотични сили, а  подземниот блесок на водата и нејзината митологија го предизвикувале вековното љубопитво на бројни неимари постојано да го извишуваат во духовна, културна и уметничка вертикала.

Во контекстов овие фото-записи на Зоран Летра далеку се од едноставното  (от)сликување на она што е пред (или при) очи, фаќање  мигови и физички пренесување, овде се претставува еден посебен концепт во кој се огледуваат автопоетичките точки на едно фотоистражување на Охрид од неколку аспекти: историски расцвет и свет, охридската фасада, магичноста и мистичноста на праисториската вода. Занимливо е да се забележи и неговиот однос кон природата и фото-претставите за неа. Мислам дека тој прави вонреден напор фотографијата сама да се избори за да стане модел на стварноста, природата непосредно да му позира и да му  наметнува своја содржина, а тој само да ја надградува со своите знаења и вештина.“ –  вели Димоски.

Тој додава дека книгата овозможува низ магичното фото-око на Зоран Летра да се обгрли Охрид со еден посебен поглед на целина која комплетно му припаѓа на градот и на неговата внатрешна биографија, низ три рефлексии.

Книгата „Три рефлексии на погледот“ е најава за изложбата на Зоран Велјаноски Летра која ќе се случи наскоро, на која ќе бидат поместени црно бели фотографии.

Зоран Велјаноски-Летра со фотографија се занимава повеќе od три децении. Во досегашната своја кариера реализирал седум самостојни изложби во земјава и светот, а учествувал и на повеќе групни изложби. Роден во Охрид во 1965 година.

OhridNews