Јавните настапи на политичарите исполнети со остра реторика и отворени напади, од една страна, навредливите коментари на социјалните мрежи, често исполнети и со говор на омраза, од друга страна, само потврдуваат дека претстојната кампања за предвремените парламентарни избори, што треба да е одржат на 12 април, ќе биде исклучително жешка.

Синоќа низ Охрид повторно беа расфрлани летоци со политичка содржина, овој пат наменети за опозицијата.

Сличен инцидент во Охрид се случи и на 5 февруари, кога низ градот беа расфрлани летоци со политичка содржина и критики за власта. Партиите тогаш отфрлија поврзаност со инцидентот, посочувајќи дека го почитуваат законскиот рок за кампања. Полицијата, пак, информираше дека не добила пријава за случајот.

Согласно Изборниот законик, кампањата почнува 20 дена пред првиот круг на гласањето. Но, датумите очигледно немаат големо влијание врз активностите на политичките ривали, напротив, впечаток е дека последните години дека тие постојано се во кампања ставајќи ги секогаш во прв план партиските интереси.

Г.М.