Годинешен домаќин на „Денот на Езерото“ е Општина Охрид која со цел да ги збогати содржините кои им се нудат на гостите и туристите, истовремено ја организира и манифестацијата „Лето 2010“ со која го одбележува и почетокот на летната туристичка сезона. Оваа манифестација, која за прв пат се одржа минатата година, се очекува да прерасне во традиционална.
Одбележувањето на “ Денот на езерото” започнува во 12.00 часот со стартот на Рекреативниот велосипедски маратон околу Охридското езеро. Два часа подоцна охридскиот Градоначалник во својот кабинет ќе изврши прием на Градоначалниците на Поградец, Струга и општина Дебрца.
Во 18 часот и 45 минути е предвидено пристигнувањето на учесниците на Рекреативниот велосипедски маратон, по што ќе започне Културно- уметничката програма. Во првиот дел е предвиден настапот на Детското Хорче “Распеано Герданче”, академскиот музичар Игор Бежаноски и Концерт на КУД ,,Филиграни,, – Охрид.
За 21 часот ќе започне Разгледувањето на регионалната туристичка понуда, а во 23 часот ќе следи обраќање на градоначалниците на општина Охрид, Поградец и Струга.
Прославата ќе заврши со настапот на Кербер, Били Ѕвер, Дамјан Пејчиноски и концертот на Ѓоко Танески со пријателите.