Од 18 до 20 септември, планината Галичица, Охрид и Охридското езеро со сите свои убавини втора година по ред ќе бидат домаќини на Планинарска трка „Охрид Ултра Треил“. Планинарските трки земаат голем замав во светски спортски рамки, а Охрид може да се пофали дека ги следи најновите трендови.

Второто издание на Планинарската трка „Охрид Ултра Треил“ се состои од 3 трки (Летница 18 километри, Галичица Ултра 66 километри и Охрид Ултра Треил 107 километри) кои внимателно одбрани од Здруженијата „ТРЕКС“ од Скопје и „Спорт за сите – сите за спорт“ од Охрид, по безбедносни критериуми според ITRA (International Trail Running Association) ќе ги задоволат вкусовите на љубителите на планината и трчањето.

Трката „Летница“ е најпривлечна и предизвик за планинарите почетници и има за цел популаразиција на планинарскиот спорт во Охрид и Македонија. Вообичаено, планинарските трки се поголеми од 50 километри, но организаторите сакаат да го доближат и промовираат планинарскиот спорт. Затоа одлучиле да направат релативно кратка трка а во ист момент и интересна и предизвикувачка.

Во принцп името на трката е поврзано со некој симбол или приказна за стартот и финишот. Трката „Летница“ стартува од Рамне, а учесниците поминуваат преку месноста наречена Летница каде има убав на поглед на Охрид и Охридското езеро, планината Јабланица и Струга. Исто така логото на трката е поврзано со охридската пастрмка чиј надимак е Летница.

Што се однесува до трката, учесниците на почетокот ќе имаат искачување околу 7 километри на 1623 метри надморска височина. Потоа продолжуваат до Крстец од каде се спуштаат до Горни Студенец. Следува потешкиот дел од патеката каде доаѓаат до Велестово и потоа продолжуваат кон Охрид. Од бензиската пумпа „Макпетрол“ се упатуваат кон кејот на пристаништето од каде започнува финишот кој е во центарот на градот.

Стартот на трката е на 19 септември (сабота) во 10 часот. Првиот на целта се очекува за време под два часа, а лимитот е шест часа. Вкупно 198 натпреварувачи ќе се појават на стартот.

OhridNews