„Информациите кои што се шират, посебно во северните делови на земјата за белгиската емиграциона политика се целосно неточни. Мојата земја не дава политички азил на економски бегалци. Затоа нема никаква смисла да се патува од Македонија во Белгија за да се бара статус на политички бегалец. Шансите за добивање на политички азил од економски причини не постојат, изјави премиерот Летерм.
Тој од својот македонски колега Груевски бил информиран за превземените мерки за спречување на оваа појава, вклучувајки го и формирањето на Комитетот за следење на состојбата, засилената медиумска кампања, како и напорите за подобрување на целокупната економска состојба. Груевски најави барање и на конкретна одговорност.
„МВР започна проверки за евентуалната вмешаност на туристички агенции и поединци кои ги доведуваат граѓаните во заблуда заради лична финанскиска корист“, рече Груевски.
Белгискиот државен секретар за азил, Мелкиор Ватле, кој е дел од делегацијата на Летерм, зголемениот број на барања го нарече„драматична промена“.
„Само во последните два месеца добивме барања колку што имавме вкупно барања од Македонија во последните две години“, рече Ватле.
Државниот секретар Ватле утре лично на жителите во кумановско – липковскиот регион, од каде најголем број поднесоа барања за азил, ќе им ја објасни суштината на визната либерализација, како и последиците од неоправданото барање политички азил во земјите на Европската Унија.
Директен повод за посетата на Летерм на Скопје беше зголемениот број на барања за азил на македонски граѓани во Белгија по укинувањето на шенген визите. За последните два месеци, околу 400 граѓани побарале политички азил од белгиските власти. Тие веќе најавија дека од 10-ти март ќе започнат со нивно организирано враќање во земјава.
На средбата станало збор и за европската интеграција на Македонија, како и за економската соработка меѓу двете земји. Белгија, по Шпанија, на 1-ви јули ќе го превземе претседателството со Европската Унија.
Средбата Груевски – Летерм се одржа доцна вечерва во Скопје. Гостинот од Белгија поради временските услови, наместо на скопскиот аеродром „Александар Велики“, слета на солунскиот аеродром „Македонија“.
Посетата на Летерм на Скопје ја следеа и десетина белгиски новинари.
извор:„Макфакс“
Фото:Филип Поповски/Макфакс