Во туристичка населба Пештани, синоќа, се одржа првото изданиеа на манифестацијата “Културно лето – Пештани 2019“, која понуди разновидни содржини во кои уживаше многубројна публика.
Манифестацијата започна со интонирање на државната химна по што авторот на проектот М-р Валентина Толеска, се осврна на мотивите и инспирацијата за реализација на настанот кој за отворен го прогласи д-р Ристо Медароски.
Уметничката програма започна со перформансот „Биљана платно белеше“ по што Драган Тренески зборуваше за Пештани низ времето. Тој ги потсети присутните на животот и обичаите на пештанци од тоа како Пештани го добило името, преку пештанскиот чун и влак до свадбите, печалбарството, гастрономијата… сето тоа поткрепено со прикажување на стари фотографии на видео бим.
Присутните ги поздрави најстариот жител на Пештани, 93-годишната баба Менка Блажеска облечена во специфичното убаво пештанско руво.
Настанот продолжи со прекрасни извадоци поезија и проза кои ги читаа: Весна Бакулеска, Бети Симоноска, Татијана Јанеска и Сузана Коческа.
Во рамки на манифестацијата беше промовиран албумот „Елегија“ на Горан Папаз и Танче Гроздановски, а Пештанското културно лето се заокружи со ликовна изложба на Марија Мешкоска и Валентина Толеска, инаку креатор на манифестацијата, што се одржа под покровителство на Министерството за култура.
Организаторите најавија дека манифестацијата ќе прерасне во традиционална и ќе биде збогатена со учество на уметници од земјата и странство.
OhridNews