Младите хористи од детскиот хор „Весели бисерчиња“ при Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид ќе учествуваат на летната музичка едукативна работилница за детски хорови и солисти, која ќе се реализира за време на летниот камп „Прима виста“ во Струга во организација на Центар за култура „Браќа Миладиновци“ Струга. Планирано било кампот да има меѓународен карактер со учесници од Р. Србија и од Црна Гора, но поради ситуацијата со коронавирусот, учесници годинава ќе бидат само домашни гости, односно покрај „Бисерчињата“ ќе присуствуваат и „Златно славејче“ од Скопје.
Младите хористи за време на кампот ќе имаат часови по пеење и стручни часови по музика
Летниот камп и работилница подразбира стручна обука. За таа цел се ангажирани професори и соработници под менторство на Снежана Караџова Попова, магистер по педагошки науки во областа на музиката. Кампот е замислен да се реализира преку часови во природа и дружба низ „игри без граници“ , водени лудории, а ќе финишира со завршниот концерт на 25-ти август кога ќе биде и презентирано сработеното во текот на целиот камп низ музичка едукативна работилница, каде учесниците ќе се претстават со свои композиции“ вели Татјана Тренеска уметнички координатор на проектот и ментор на детскиот хор „Весели бисерчиња“
Според директорката на Центар за култура Струга, Николина Велковска, настанот треба да го поттикне развивањето на идејата за основање на детски хор во Струга, бидејќи досега не постоел и тоа е една од причините зошто и летниот камп се одржува во градот на мостовите.
Активностите за едукација на децата започнуваат од понеделник во одморалиштето „Славејче“ ,а завршниот концерт ќе биде во „Паркот на поезијата “ во Струга и ќе се одржи според сите мерки и протоколи пропишани за одржување настани на отворено. На овој настан, детскиот хор од Охрид кој брои 50 членови, ќе се претстави со „Ретка песна“ чиј автор е Татјана Тренеска и песната „За Охрид“, всушност поради новонастанатата ситуација завршната работилница ќе биде со скратена програма.
Настанот се одржува по прв пат и е поддржан од Министерство за култура.
K.A.