Охриѓанецот во редовите на Металург, Дејан Лескароски помина пет пеколни месеци правејќи три операции откако му беше дијагностицирана кучешка тенија. Тој се врати во екипата и е дел од подготовките во Охрид.


– Се добро се заврши и сакам да им се заблагодарам на сите што ме поддржуваа низ тешките мигови. Секој спортист кој си го сака спортот знае што значи да си немоќен и да паузираш шест месеци. Но, најлошото помина и максимално се фокусирам на фудбалот. – рече Лескароски.


Се уште не е влезен во полн погон како екипата, тренира со половичен интензитет, а враќање на терените се очекува за 3-4 месеци.

– Работам со екипата, но со половични сили. Немам болки, немам никакви пречки, но психолошки повредата делуваше на мене. Рано е да се зборува за враќање на терените, но тоа треба да се случи во десеттиот или единасеттиот месец од годината. – додаде дефанзивецот.


Екипата на Металург е составена од искусни и пред се млади фудбалери кои допрва треба да „гризат“ за позицијата во тимот.

– Нашиот стручен штаб не отстапува од тој систем кој нас баш ни одговара. Младите сакаат да се надигруваат, а тука ние поискусните сме да им помогнеме во сето тоа. Не очекува возбудлива сезона бидејќи новите членови во Првата лига веќе кројат респектабилни тимови. – заврши популарниот „Леки“.

Металург во десетдневните подготовки во Охрид ќе одигра две пријателски средби со Младост Царев Двор и битолски Пелистер.

Мх.П.