Ловци наоружени со пушки за заспивање пробувале да фатат еден леопард кој упаднал во градината на резиденцијата на пакистанскиот премиер во Исламабад. Животното чие присуство го откриле безбедносните камери успеало да продре во дворот и покрај доброто обезбедување, најверојатно во потрага за диви свињи кои не се ретки во овие краеви.
Портпаролот на премиерот изјавил дека тој продолжил да работи нормално без да ја напушта резиденцијата. Додека ловците се подготвувале да го неутрализираат леопардот тој успеал да прескокне еден ѕид и да побегне во другиот дел на големата градина. Во Исламабад често може да се забележи присуството на диви свињи, лисици и мајмуни, но не и на леопарди.