Најмалку седум лица се водат за исчезнати откако водата од уништената брана ги поплави околните области, соопшти денеска Тасс, цитирајќи го градоначалникот на Нова Каховка, Владимир Леонтиоев, кој е назначен од Москва.
Браната Нова Каховка, на реката Днепар, која е под контрола на Москва, беше уништена вчераутро и поплави дел од линијата на фронтот во областа Херсон, принудувајќи илјадници локални жители да ги напуштат своите домови.
Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уништување на браната.
Околу 42.000 лица се во опасност од поплави во областите под руска и украинска контрола долж реката Дњепар, соопштија украинските власти, а шефот на хуманитарната помош на ОН предупреди на „тешки и далекусежни последици“.
Со сигурност знаеме за седум лица дека се водат за исчезнати, изјави градоначалникот Леонтиев за Тасс.
Од градот вчера беа евакуирани над 900 лица со вкупно околу 45.000 жители. Нова Каховка е под руска контрола и се наоѓа на левиот брег на реката Дњепар.
Украинските власти соопштија дека околу 80 населени места низ регионот Херсон се во опасност од поплави.
Гувернерот на украинската област Херсон, Олександр Прокудин, денеска соопшти дека 1.582 куќи се поплавени на десниот брег на реката Днепар, а околу 1.457 луѓе се евакуирани во текот на ноќта.
Претходно, Прокудин изјави дека во текот на изминатиот ден при руското гранатирање на регионот и на самиот град Херсон загинал еден цивил, а еден е повреден.
OhridNews
фото. ЕПА/ МИА