Движењето за социјална правда „Ленка“ бара Собранието итно да донесе закон за амнестија на невработените, кои веќе се прогласени за виновни, бидејќи дале лажна изјава во Фондот за здравствено осигурување дека не оствариле приходи над 96.000 денари, објави „Вест“.

Членовите на движењето објаснуваат дека во втората половина на минатата година ФЗОМ тужел огромен број невработени дека со оваа лажна изјава се стекнале со здравствено осигурување на товар на државата.

-Меѓу нив има и доктори на науки, магистри, лица со завршено високо, вишо или средно образование, млади луѓе, студенти, занаетчии, земјоделци, трговци -поединци, хонорарци. По барање на Фондот за здравствено осигурување и на Основното јавно обвинителство речиси во сите градови низ земјата, со кривични пресуди овие луѓе беа прогласени за виновни и им беа отворени криминални досиеја во официјалната судска евиденција затоа што, наводно, го сториле кривичното дело употреба на изјава со лажна содржина, велат од „Ленка“.

Членовите на движењето сметаат дека закон за амнестија е единствениот правен начин да се надмине овој проблем, кој засега голем број граѓани, бидејќи законската одредба според која се казнети овие граѓани, еднаш е укината од Уставниот суд.

Од „Ленка“ велат дека добиле потврден допис од Собранието дека нивниот предлог за донесување Закон за амнестија за невработените е доставен до пратениците, кои ги повикаа внимателно да го прочитаат и да го поддржат. Невработените, според информациите со кои располага движењето, се осудени за 2012 година, и стравуваат дека бројот на осудени и казнети за 2013 и за 2014 година ќе се зголеми.

OhridNews

Извор:„Вест“