Зборовите на Владо Илиевски „Леле луѓе што направивме“, после тројката во Каунас за победа на Македонија против домаќинот Литванија и пласман во четирите најдобри на Европското првенство доби и фудбалска верзија, откако „црвено жолтите“, синоќа со минимални 1-0 ја совладаа Грузија и обезбедија учество на ЕВРО 2020, што ќе се одржи следната година.

После финалниот натпревар од баражот, Илија Несторовски се качи на масата во прес салата и во етер, исто како Илиевски рече „Леле луѓе што направивме“. Потоа дополна дека ќе бидеме со врвни селекции на едно место и со една цел, Македонија да се претстави во најдобро светло.

Средбата со медиумите во Тбилиси се претвори во македонска фешта, откако репрезентатавците не му дозволија на селекторот Игор Ангеловски да ги искаже впечатоците од мечот со Грузија и пласманот на ЕП.

Македонија во групата Ц на ЕП силите ќе ги одмери со Австрија, Украина и Холандија. Континенталниот собир стартува на 11 јуни, а ќе заврши на 11 јули.

OhridNews