Охридскиот ракометен клуб во дерби средбата од 12-та рунда во Супер лигата на домашен терен ќе го пречека битолски Пелистер. Натпреварот се игра в недела со почеток во 17 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.

„Гладијаторите“ кои се во позитивна серија на хартија пред почетокот на натпревар се изразити фаворити но таа улога ќе треба да ја потврдат на теренот пред охридската публика.

Моментално, како екипа сме во многу добра ситуација. Сите ракометари сме здрави и посериозни повреди не избегнаа, во добра форма сме и бележиме позитивни резултати. Гледам многу расположени лица в сала и тоа мене а и на сите други ни служи за уште поголема мотивација. В недела ние сме фаворити и сакаме со триумф да ја оправдаме таа улога и да продолжиме со серијата победи во Супер лигата. Веројатно имав ретка можност да играм за Струга и Охрид во растојание од една година. Во Струга имав доста проблеми но тоа го оставам позади и комплетно сум насочен кон мечевите во Охрид. Со клубот сме пред теоретски пласман во плејофот а таму посакуваме многу добри резултати. – изјави грузискиот ракометар Лексо Цицешвили.

 

Големиот избор на ракометари е голема предност на Охрид во однос на Пелистер кој последен се екипираше од суперлигашите. Првиот меч оваа сезона им припадна на охриѓани кои славеа во Битола со 25-19.

Сите сме максимално подготвени за дерби средбата со Пелистер. Нашиот противник не смее во никој случај да се потцени бидејќи таму играат искусни и квалитетни ракометари. Како предност во пресрет на дуелот ја гледам подолга клупата а се друго треба да го покажеме на теренот. Во екипата сум втор избор на десната бековска позиција и секогаш кога ќе ми се пружи прилика морам да ја искористам. – потенцираше Дејан Гошески.

 

Ракометарите на Охрид чекорат по план во Супер лигата а нив ги следат екипите во младинските категории. Младинците, пионерите и кадетите бележат одлични резултати и Охрид на добар пат е да обезбеди учество со сите екипи на завршните турнири.

На иста бранова должина со резултатите од сениорскиот состав се екипите во младинските категории. Затоа морам да ги пофалам тренерите Сашо Ристески и Наум Бабачев кој работат во младинските категории. Младинскиот состав има перфектен скор а исто така и пионерите и кадетите. Охрид како клуб бележи напредок на сите полиња и се надевам дека тој тренд ќе продолжи сезонава а и понатаму. – истакна спортскиот директор Горан Недески.

Охрид со 28 бод котира на втората позиција на табелата додека „зелено белите“ со 11 поени се седмопласирани во македонскиот ракометен шампионат. Билетите за влез на средбата Охрид – Пелистер чинат 50 денари.

Мх.П.