Со последните измени и дополнувања на Законот за лекови и медицински помагала кои стапија на сила на 13 февруари  се овозможува продажба на утврдена листа на лекови без рецепт и надвор од аптеките односно во определени места за продажба, како што се супермаркетите и бензинските станици кои ги исполнуваат потребните услови и имаат дозвола од Министерството да вршат продажба на лекови без рецепт. 

Министерот за здравство Никола Тодоров,  рече дека првпат во Македонија се формира листа на ОТЦ-лекови кои ќе можат да се најдат во слободна продажба, а која во европските земји е општо позната како Генерал Салес листа и е направена според критериумите што се воспоставени и се применуваат во САД, Велика Британија, Португалија, Полска, Норвешка, Чешка. 

– Овозможуваме поголема достапност на лековите во реони каде што аптеките се пооддалечени од населените места земајќи предвид дека во речиси секое населено место има барем еден супермаркет или бензинска станица. Со оваа новина се олеснува за пациентите снабдување со лекови кои се неопходни во прв момент на здравствена потешкотија односно во моментите кога пациентите се обидуваат потешкотијата да ја спречат по пат на самолекување пред да се јават на преглед, посочи Тодоров. 

Тој рече дека станува збор за лекови кои се со најмало пакување и јачина со оглед на тоа што се наменети за употреба при појава на првични здравствени симптоми и се соодветни за самолекување и со добро познати индикации за пациентите односно се безбедни за конзумирање. 

– Листата за продажба опфаќа 54,5 отсто од вкупниот број активни супстанции и нивните комбинации од ОТЦ листата односно вкупно 108 производи. Сите лекови од оваа листа и досега се издаваа во аптека без лекарски рецепт, а сега врз основа на решение добиено од Бирото за лекови, тие лекови ќе можат да се продаваат слободно и од страна на правни лица кои се регистрирани според Законот за трговски друштва за промет на големо и мало со храна, пијалоци, тутун или се регистрирани за трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици, истакна Тодоров. 

Во листата, потенцира министерот, се застапени поголем број групи лекови по терапевтско дејство како што се аналгетици, антипиретици, антациди, антиревматици, регулатори на цревна флора, витамини од групата А, Е, Б, Ц, бронхо-секретолитици, локални антисептици за уста и грло, локални антисептици и дезинфиенси за надворешна употреба, вештачки солзи. 

Тој укажа на неколку од ОТЦ лековите наменети за продажба кои се почесто користени од граѓаните, како што се Андол 300, парацетамол, ефералган со витамин Ц…(од групата антипиретици), Аспирин протект 100, Андол 100 и кардиопирин – од групата лекови против агрегација на тромбоцити, Линекс и Линекс форте (од групата на лекови за регулирање цревна флора), лекови за искашлување – Проспан, Мукодин, Бронлес, Ибупрофен, Рапидол С и Неофен директ – од групата на антиревматици, како и витамини, локални антисептици за уста и грло, дезинфициенси за надворешна употреба, вештачки солзи, лекови против киселини во желудник, лекови со активен јаглен и неколку други препарати. 

– Утврдената Листа ќе се ревидира периодично, односно ќе се надградува и осовременува следејќи ги актуелните критериуми во земјите кои ја имаат оваа практика, додаде Тодоров. 

Во однос на техничките аспекти, појасни министерот, правните лица согласно законот, може да вршат продажба на мало на лековите што се продаваат без рецепт само во сопствени продавници во кои се врши и трговија на мало со храна, пијалаци и тутун и/или сопствени продавници во кои се врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици. 

Додаде дека за населени места со помалку од 30.000 жители промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт се врши во продавница со површина од најмалку 50 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши и трговија на мало со храна, пијалаци и тутун, или во продавница со површина од најмалку 25 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици. 

Тој ги повика сите заинтересирани страни, градоначалниците на населените места во кои аптеките не се доволно застапени, како и правните лица засегнати од овие законски измени и дополнувања, да ја искористат оваа понудена можност и во интерес на граѓаните да овозможиме поголема достапност на овие лекови. 

Директорката на Бирото за лекови, Катерина Алексоска рече дека основен критериум е лекот да содржи една активна супстанција во својот состав, а не комбинацијата на активни супстанции, а тоа значи дека ќе биде овозможено само за лекови кои се за локална и за надворешна употреба. 

OhridNews