Кајак – кану федерацијата влегува во 6-та деценија од своето постоење. Традиција за респект. Но ситуацијата во која се наоѓа кајак – кану спортот воопшто не е розова. Нерегулирани обврски, нерешени правни и економски проблеми, како и самоволието на дел од клубовите се проблемите со кои се соочува кајакарската федерација на мирни води на Република Македонија .
Некои клубови едноставно не сакаат да учествуваат во системот на натпревари на федерацијата – вели претседателот на ККФМВ, Никола Чакарески. Група бивши кајакари имаат формирано приватни клубови и сакаат да формираат и паралелна федерација. Во законот за спорт јасно стои кој член кон кој федерација треба да се приклучи и да се натпреварува. 15-ти февруари беше последниот рок за доставување на комплетната документација на клубовите, како и списоците со натпреварувачи. Федерацијата брои 15 клуба од кои само 4 се активни. Неизвесно е дали некој од клубовите од паралелната федерација ќе ја прифати подадената рака и ќе се пријави за натпреварувачката 2007 година .
„Испратена е покана до сите клубови во нашата држава од Скопје, Берово,Пештани ,Трпејца , Дебар ,Охрид . ние сме спремни да помогнеме“ – вели Чакарески
Најголем губитник во целата оваа ситуација во секој случај се натпреварувачите ,а решението на проблемот за сега е во ќорсокак. Федерацијата останува отворена за сите оние кои сакаат да се натпреваруваат за државата, но…
М. Постолоски