Во знак на солидарност и поддршка, Извршниот одбор на Лекарска комора донесе одлука за доделување парична донација во висина од 5.000 евра за настраданите граѓани на Турција во катастрофалниот земјотрес кој однесе многу човечки животи и предизвика огромна материјална штета.

Средствата се уплатени во фондот “Хуманитарна акција” кој е воспоставен од Центарот за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) при Министерството за внатрешни работи на Република Турција.

Лекарската комора го поздравува големиот одзив на здравствените работници на повикот за медицинска помош во Турција кој го објави Министерството за здравство и ги охрабрува сите доктори на медицина кои се во можност да помогнат во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес, се вели во денешното соопштение од Лекарската комора.

Комората изразува длабоко сочувство за жртвите од земјотресот, загуба која, како што велат оттаму, никогаш нема да може да се надомести и ја истакнува итната потреба да се помогне. Хуманоста и солидарноста е основен предзнак на лекарската професија, а сега е важен момент кога сите, согласно своите можности, треба тоа да го покажат на дело.

Лекарската комора испрати и писмо за поддршка до Лекарската комора во Р. Турција во кое искажа подготвеност за помош со ресурсите со кои располага. Граѓаните и здравствените работници на нашата држава знаат што значи поддршката во вакви моменти, поради тоа што се соочиле со природна катастрофа од ваков вид, земјотресот во Скопје во 1963 година, кога многу наши семејства биле директно засегнати, истакнуваат од Комората.

Во овој момент, велат, најважно е да се обединат сите ресурси за помош кои постојат и да се насочат во подрачјата каде е најпотребно. Комората ги следи случувањата и во координација со надлежните институции ќе остане инволвирана во наредните активности за поддршка.

OhridNews