Лекарка која работела како лекар-специјалист по општа медицина и била ангажирана со договор за повремени и привремени работи во Јавната установа Специјалистички завод Демир Капија – станбена единица во село Коршеница ќе одговара за несовесно лекување на 11- годишниот Илче од Охрид кој ненадејно почина во октомври минатата година.

Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Таму, во периодот од 01.10 до 05.10.2020 година, укажувала лекарска помош заради покачена телесна температура и дијареа на едно оштетено дете, родено 2009 година, сместено во Заводот како лице со тешко нарушување на психо-физичкиот развој и церебрална парализа. Меѓутоа, спротивно на Договорот, здравствената помош ја укажувала без да изврши непосреден физикален преглед на детето, ординирала терапија и неговата состојба ја следела со телефонски известувања, не дала инфузија, па поради тоа дошло до влошување на здравствената состојба на детето, настанала дехидрираност на неговиот организам и на 05.10.2020 година настапила смрт, додаваат во соопштението од обвинителството.

11-годишниот Илче од Охрид, кој беше напуштен од родителите, по кратко лекување на Клиниката за детски болести, беше сместен во мал групен дом во селото Корешница, демиркаписко. Кратко по неговото згрижување почина. Случајот беше потврден од Јавното обвинителство и покрената истрага.

OhridNews